Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху официјално побара од судот да го одложи продолжението на неговото судење за корупција, повикувајќи се на интензивната безбедносна и дипломатска криза со која се соочува земјата – пред сè, поради 12-дневниот конфликт со Иран и тековните борби во Појасот Газа.
Во поднесокот испратен до судот, адвокатот на Нетанјаху наведува дека премиерот мора „целосно да се посвети на решавање на национални, дипломатски и безбедносни прашања од највисок приоритет“ и дека поради тоа не е во можност да сведочи на закажаните рочишта во следните две недели.
Паралелно, американскиот претседател Доналд Трамп застана зад Нетанјаху, оценувајќи дека судењето е „лов на вештерки“. Преку својата платформа Truth Social, Трамп повика на итно откажување на постапката или помилување на „големиот херој“ Нетанјаху, поради неговата улога во справување со Иран.
Израелската опозиција остро реагираше на овие изјави. Лидерот на опозициската партија, Јаир Лапид, го повика Трамп да не се меша во внатрешните работи на Израел.
Нетанјаху, кој е најдолговечниот премиер во историјата на Израел, е под истрага од мај 2020 година, но постапката беше неколкупати одложувана. Тој ги отфрла сите обвинувања и се изјасни за невин.
Против него се водат три случаи:
Во првиот, тој и неговата сопруга Сара се обвинети дека примале луксузни подароци вредни над 260.000 долари – вклучувајќи пури, накит и шампањ – од милијардери, за возврат на политички услуги.
Во другите два случаи, се товари за обид да изврши притисок врз два медиуми во Израел да известуваат поволно за него.
Судењето против Нетанјаху, едно од најследените политичко-судски процеси во историјата на Израел, може да има далекосежни последици за иднината на израелската политика. Судот сега треба да одлучи дали ќе го прифати барањето за одложување.