Зоран Настески, 49-годишен скопјанец со адреса во Белград, го спречи потенцијален терористички напад на летот на авиокомпанијата Изиџет од Лондон до Глазгов. Патник кој извикувал „Алаху Акбар“ и се заканувал со бомба, бил совладан од Настески, кој веднаш реагирал инстинктивно, без двоумење.
– Не можеш да знаеш дали некој блефира или навистина има експлозив. Си реков: ако треба да нè дигнеш во воздух, прво јас ќе те средам – изјави Настески за Плусинфо.
Настески му го избил телефонот од раката на осомничениот, мислејќи дека е можно тој да е поврзан со детонатор, а потоа го задржал на подот до слетувањето. Подоцна било утврдено дека станува збор за проблематичен маж од Индија, кој и претходно бил приведуван, а сега најверојатно ќе биде депортиран.
Иако храброто дело го прослави во регионот и предизвика лавина од пофалби, Настески скромно вели дека не направил ништо посебно. „Само реагирав. Не сум херој,“ додава тој, посочувајќи дека на роднините им кажал само дека е добар и дека „нема ништо вредно за раскажување“.
Настески е роден во Скопје во 1976 година, од мајка Србинка и татко Македонец. Иако по професија е графички дизајнер, во Велика Британија работел како возач. Последниве години живее во Белград, поради љубовна врска.
– Секогаш сум се чувствувал и како Србин и како Македонец. Ама кога пцујам, пцујам на српски – вели тој со насмевка, додавајќи дека му е смешно што по настанот некои Бугари го прогласиле и за „Бугарин“.
За него, овој чин бил едноставна, човечка реакција. Но за патниците, јавноста и медиумите – Зоран Настески останува херојот кој со смиреност и храброст спречи евентуална трагедија на небото.
Извор: plusinfo.mk