Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ му ја искажа силната поддршка на својот македонски колега Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека Северна Македонија заслужува членство во Европската Унија.
Двајцата лидери остварија телефонски разговор во кој се осврнаа на понатамошната динамика на европскиот пат на Северна Македонија и на претстојниот Извештај за напредокот и состојбата во Југоисточна Европа.
По разговорот, Пленковиќ преку социјалните мрежи нагласи дека Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот евроинтеграциски пат.
Македонскиот премиер Мицкоски појасни дека телефонскиот разговор се одржал во пресрет на извештајот на Европскиот парламент и додаде:
„Продолжувам да ги користам сите контакти за да ја раскажам македонската вистина – за нашиот напредок, за вредностите што ги браниме и за иднината што ја заслужуваме. Хрватска е докажан пријател на нашата држава, а нејзината гласна поддршка во клучни моменти претставува голем поттик и охрабрување за сите нас. Македонија заслужува членство во Европската Унија, но со крената глава“, напиша Мицкоски на својот профил на Икс.