
Мотоциклистите повеќе нема да можат да останат незабележани од системот „Безбеден град“, откако Министерството за внатрешни работи воведе техничко решение за нивно регистрирање.
Проблемот досега бил во начинот на кој функционираат камерите. Тие ја снимаат предната страна на возилата, додека регистарските таблички кај мотоциклите се поставени од задната страна.
Поради тоа, мотоциклистите не можеле автоматски да бидат идентификувани при прекршоци за брзо возење.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека МВР поставило дополнителна опрема на избрани локации каде што постојат најдобри технички услови за нејзино функционирање.
Според него, резултатите се видливи уште од првиот ден.
„Го решивме и на дел од територијата на Македонија каде што првично сметавме дека има најдобри услови да се постават, ги поставивме и мислам дека, ако не се лажам, првиот ден имаме констатирано некаде околу 9 прекршоци за недозволена брзина“, изјави Тошковски.
<strong>Ќе се проширува системот</strong>
Министерот посочи дека во меѓувреме се надминати и други технички проблеми поврзани со „Безбеден град“, меѓу кои поставувањето на камерите на критични точки и идентификацијата на возила со странски регистарски таблички.
Системот веќе ги опфаќа и странските возачи, но МВР работи на проширување на начинот на санкционирање и на останатите гранични премини.
Како пример Тошковски го посочи граничниот премин Табановце, каде што првичните проценки за бројот на возила биле значително помали од реалниот сообраќај.
„Имавме проценка дека ќе има по 5 возила на час, а имавме по 500 возила на час“, рече министерот.
Поради тоа, МВР бара техничко решение со кое странските возачи ќе можат да ги регулираат своите обврски без дополнително задржување на границата.
<strong>Помалку жртви во сообраќајот</strong>
Тошковски презентираше и податоци за бројот на загинати лица во сообраќајни несреќи.
До 1 септември 2025 година биле регистрирани 96 загинати лица, додека во истиот период годинава бројката изнесува 60.
Тоа претставува 36 жртви помалку во однос на истиот период минатата година.
Според министерот, намалувањето е поврзано со примената на системот „Безбеден град“, но и со поголемото почитување на сообраќајните правила.
Тој нагласи дека главната цел на системот не е само казнување, туку неселективно санкционирање на прекршоците, намалување на човечкиот фактор и, пред сè, спасување човечки животи на македонските патишта.

















