
Грција воведува нови правила за странските инвеститори во недвижности, со кои се менуваат условите во рамките на програмата „Златна виза“.
Според грчкиот весник „Катимерини“, целта на новите мерки е странските инвестиции повеќе да придонесуваат за зголемување на понудата на станови за долгорочно живеење, наместо недвижностите да се користат за краткорочно туристичко изнајмување.
Со новите правила, имотите купени преку програмата „Златна виза“ повеќе не можат да се нудат на платформи како Airbnb за краткорочно изнајмување. Ограничувањата се дел од пошироката политика на грчките власти за решавање на проблемот со достапноста на станови.
<strong>Наместо Airbnb – долгорочен закуп</strong>
Во рамките на новиот Национален план за политика на домување се разгледува и воведување нова категорија дозволи за престој, преку која инвеститорите би можеле да купуваат повеќе недвижности, но под услов тие да бидат достапни исклучиво за долгорочно изнајмување во определен период.
За спроведување на ваквиот модел ќе бидат потребни јасни критериуми и систем за следење на начинот на кој се користат имотите.
Краткорочното туристичко изнајмување би било забрането доколку инвеститорот сака да ги исполни условите за ваков тип дозвола.
<strong>Интересот за „Златната виза“ нагло опаѓа</strong>
Промените веќе се одразуваат врз интересот на странските инвеститори.
Според податоците на грчкото Министерство за миграција и азил, во првите шест месеци од 2026 година биле поднесени 2.551 барање за нови дозволи за престој, што е за 44 проценти помалку од 4.553 барања во истиот период минатата година.
Само во јуни биле поднесени 395 барања.
Од друга страна, властите издале 4.919 нови дозволи, што претставува раст од 21 процент во споредба со истиот период претходната година.
Причината е што значителен број од издадените дозволи се однесуваат на апликации поднесени во 2024 и 2025 година, кои подолго време чекале на обработка.
Во моментов има уште 7.368 нерешени апликации од претходните две години.
<strong>Праговите од 250.000, 400.000 и 800.000 евра</strong>
Во зависност од локацијата и видот на недвижноста, инвеститорите можат да се сретнат со различни минимални износи за инвестиција – 250.000, 400.000 или 800.000 евра.
Највисокиот праг од 800.000 евра се однесува на области како Атика, Солун и големите острови со постојано население над 3.150 жители.
Прагот од 250.000 евра, пак, останува важен за одредени проекти за пренамена. Тој може да се примени доколку инвеститорот купи недвижност која претходно немала станбена намена и ја претвори во станбен простор.
Станува збор, на пример, за поранешни деловни, индустриски објекти или хотели.
<strong>Грција сака повеќе станови, а помалку туристички апартмани</strong>
Новата политика има и поширока цел.
Големиот интерес од странски инвеститори во изминатите години придонесе за раст на цените на недвижностите во Грција, особено во најбараните туристички и урбани области.
Затоа властите сега се обидуваат странскиот капитал да го насочат кон создавање нови станбени единици, наместо постојните станови да се користат претежно за краткорочен туристички престој.
Со тоа Грција се обидува да постигне две цели – да продолжи да привлекува странски инвестиции, но истовремено тие инвестиции да придонесуваат за зголемување на понудата на станови за долгорочно живеење.

















