
Единаесет земји членки на Европската Унија бараат да се разгледа можноста за замена на принципот на едногласност со гласање со квалификувано мнозинство при донесувањето одлуки во областа на надворешната политика.
Иницијативата ја поддржуваат Австрија, Данска, Белгија, Финска, Франција, Германија, Луксембург, Холандија, Романија, Шпанија и Шведска.
Според „Еуроњуз“, земјите сметаат дека можноста една држава да стави вето на заедничка одлука ја ограничува способноста на ЕУ брзо и ефикасно да реагира на меѓународната сцена.
Во заедничкиот став се нагласува дека едногласноста има важна улога во зачувувањето на единството меѓу земјите членки, но дека не треба да се претвори во механизам со кој поединечна држава може да ја блокира целата Унија.
Германија се посочува како главен двигател на иницијативата за промена на начинот на одлучување во надворешната политика. Берлин смета дека ЕУ мора да биде поспособна да носи навремени одлуки во услови на зголемени геополитички предизвици.
Како една од можните алтернативи се разгледува и почесто користење на таканареченото „конструктивно воздржување“, со кое земја членка би можела да не учествува во одлуката без да ја блокира нејзината примена од страна на останатите членки.
Сепак, иницијативата не значи дека ветото во ЕУ веднаш ќе биде укинато. За промена на правилата ќе биде потребен сложен политички процес, а во одредени случаи и согласност од сите земји членки.
Дебатата за укинување или ограничување на едногласноста во надворешната политика се очекува да стане едно од поважните прашања во идните разговори за реформирање на Европската Унија.

















