
Министерството за внатрешни работи најавува проширување на електронските услуги со цел поефикасно и побрзо издавање и продолжување на дозволите за оружје. Иако со новите законски измени рокот на важност на дозволите се скратува од 10 на пет години, од МВР уверуваат дека дигитализацијата значително ќе ја олесни постапката за граѓаните.
Во следниот период се предвидува воведување на електронско поднесување барања за дозвола за оружје и за физички и за правни лица, а во електронска форма ќе биде достапна и потврдата за оружје од Д категорија.
Помошник-министерот Јован Алтанџиев информираше дека во изминатата година и пол биле решени околу 15.000 предмети, што е повеќекратно зголемување во однос на просекот од претходните години. Според него, тоа е резултат на делумната дигитализација и поврзувањето на евиденциите на МВР со судските институции.
Со предложените законски измени се предвидува и едногодишен рок за легализација на оружје добиено по наследство или за кое не била навреме продолжена дозволата. Законот исто така предвидува барањето за продолжување на дозволата да се поднесува шест месеци пред нејзиното истекување.
Од Ловечката федерација на Македонија поддржуваат дел од измените, но бараат дополнителни корекции, меѓу кои зголемување на дозволениот број парчиња оружје што може да ги поседува едно лице и одложување на примената на одредени одредби до полноправното членство на земјата во Европската Унија.
Предлог-законот во моментов се наоѓа во собраниска процедура, а се очекува дел од забелешките да бидат вградени преку амандмански измени.

















