
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека имал „многу добра средба“ со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на самитот на Г7 во Евијан, Франција, додавајќи дека разговорите меѓу нив ќе продолжат и во текот на денот.
Трамп пред новинарите истакна дека војната во Украина предизвикува огромни човечки загуби и дека е неопходно постигнување договор за нејзино завршување.
„Русија треба да склучи договор. Русија изгуби огромен број луѓе, а истото и Украина. Минатиот месец загубите се огромни. Премногу млади луѓе умираат, тоа е лудо што се случува“, рече Трамп.
Тој додаде дека разговарал и со рускиот претседател Владимир Путин во текот на изминатата недела, нагласувајќи дека постои „големо несогласување“ меѓу двете страни, но и дека ќе се обиде да придонесе за изнаоѓање решение.
„Ќе направам сè што можам“, порача Трамп, оценувајќи дека антипатијата меѓу Киев и Москва го отежнува постигнувањето мировен договор.
Во рамки на самитот на Г7, европските лидери го повикаа Трамп да преземе поактивна улога во обидите за завршување на конфликтот, вклучително и можноста за организирање директни преговори меѓу Зеленски и Путин во САД.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој учествува на самитот по покана на францускиот претседател Емануел Макрон, побара засилен притисок врз Русија и поголема поддршка од САД, вклучително и воено-технолошка соработка.
Зеленски оцени дека Русија не покажува вистинска подготвеност за мир и ги нарече нејзините потези „игра“, додека одделни западни лидери изразија став дека Украина повторно ја презема иницијативата на бојното поле.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека постои единство меѓу лидерите на Г7 околу потребата од зголемен притисок врз Москва и продолжување на поддршката за Украина.

















