Од следниот петок, 26 септември, почнуваат да важат построгите законски одредби во сообраќајот, со кои ќе се казнува преку системот „Сејф сити“, кој со објавувањето во Службен весник и официјално доби законска основа.
Пешаците кои ќе поминуваат на пешачки премин користејќи мобилен телефон ќе бидат казнети со 40 евра. За велосипедисти, возачи на трактори, мотори и електрични тротинети што ќе користат телефон или друг електронски уред за време на управувањето со возилото, глобата ќе изнесува 50 евра.
Законот предвидува дека за време на управувањето со возило не смее да се користат слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг електронски уред кој би можел да го намали вниманието и сигурноста. Исклучок се специјализираните уреди за комуникација вградени во заштитни шлемови.
Иако камерите се веќе легализирани, нивната целосна примена ќе почне од Нова година. До тогаш, системот „Безбеден град“ ќе функционира пробно.