Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ убедливо ќе ја победи Демократската унија за интеграција (ДУИ) на локалните избори и отфрли можност за каква било коалициска соработка со партијата на Али Ахмети.
„Се зборува за предвремени избори. Анкетите покажуваат дека доколку се одржат, ВМРО-ДПМНЕ би имал над 62-63 пратеници, стабилно мнозинство со силна реформска агенда. Но, предвремените избори значат и губење драгоцено време. ДУИ ја користи темата за клиентелистички гласови, лажејќи ги гласачите дека ќе коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ. Вистината е дека нема таква комбинација – принципите се поважни од интригите“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека ДУИ очигледно не сака реформи и дека заедно со СДСМ ја оставиле државата во корупциски скандали и афери.
„Се преправате дека се борите за Албанците, а за две децении власт не понудивте ниту еден сериозен проект. Официјалните податоци покажуваат колку стотици Албанци емигрирале токму во вашиот период. Кажете им на мајките кои ги испратија своите деца во странство што добија од вашето владеење“, истакна премиерот.
Мицкоски нагласи дека владиниот блок ќе ја победи ДУИ „убедливо и на терен и на избори“.