Владата донесе одлука за модернизација на здравствениот возен парк преку набавка на 100 нови амбулантни возила во наредните две години. Одговорноста за спроведување на постапката е доверена на Министерството за здравство, а плаќањето ќе биде организирано со рок од пет години.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, соопшти дека во 2026 година ќе бидат обезбедени околу 80 возила, а преостанатите 20 ќе пристигнат во 2027 година.
„Со оваа набавка правиме значаен исчекор во обновувањето на возниот парк. Фокусот е ставен на функционалноста и неопходноста, а не на луксузот“, изјави Томовски во дневникот на ТВ Сител.
Тој најави и дека, покрај амбулантните возила, во план е и набавка на нови противпожарни возила, со што ќе се унапредат условите за работа на надлежните служби.