Основното јавно обвинителство Битола отвори постапка против четири лица поради основано сомнение дека на 12 јули годинава подметнале и активирале експлозивна направа – бомба М-75 пред куќа на улицата „Охридска“. Настанот предизвикал оштетување на седум паркирани возила и сериозна опасност за животот и безбедноста на граѓаните во централното градско подрачје.
Според обвинителството, двајца од осомничените со моторцикл директно ја фрлиле бомбата, додека другите двајца имале улога на соизвршители, овозможувајќи го и поддржувајќи го извршувањето на делото.
Јавниот обвинител побара од судија на претходна постапка во Основниот суд Битола определување мерка притвор за сите четворица, при што едно од лицата засега е недостапно за органите на прогонот.
Кривичната постапка се води за дело „Предизвикување општа опасност“ по член 288 став 1 од Кривичниот законик.