Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе истражна постапка против едно лице осомничено за кривични дела „Изнуда“ во обид и „Загрозување на сигурноста“, извршени кон градоначалник.
Според обвинителството, на 2 септември осомничениот преку анонимен фејсбук профил испратил пораки со сериозни закани по животот и безбедноста на градоначалникот и неговото семејство, со цел да изнуди 3.000 евра.
Во периодот од 4 до 18 септември, тој повеќепати испраќал заканувачки пораки и на официјалната електронска пошта на општината, со што предизвикал чувство на страв и несигурност кај оштетениот и неговите најблиски.
Обвинителството побара определување мерка притвор, со образложение дека постои опасност од бегство, како и можност осомничениот повторно да го изврши делото.