
Над 3.000 македонски државјани ја избрале Грција како дестинација за новогодишната ноќ, покажуваат официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи. Граничниот премин „Богородица“ работел со засилен интензитет во периодот пред празникот.
Според податоците за периодот од 30 декември 2025 година (08:00 часот) до 1 јануари 2026 година (08:00 часот):
Излез од државата: 3.028 македонски државјани ја напуштиле земјата. Влез во државата: 1.491 македонски државјани влегле или се вратиле.
Ова покажува дека популарноста на патувањата кон јужниот сосед за празниците останува голема.
Засилен сообраќај имало и кај странските државјани:
Влез во Македонија: 4.192 странци. Излез кон Грција: 7.257 странски државјани.
Од МВР истакнуваат дека сите човечки и технички капацитети се ставени во функција за забрзување на протокот на патници, со спроведување на задолжителните гранични проверки. Се очекува зголемен интензитет на влез во земјата во текот на денешниот и утрешниот ден, кога граѓаните ќе се враќаат од празничните патувања.


























