
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на денешната прес-конференција најави дека утре во официјална посета на Македонија ќе престојува заменик-претседателот и министер за надворешни работи на Република Чешка, Петр Мацинка, со кого ќе разговара за продлабочување на билатералните односи, европската перспектива, економската соработка и актуелните регионални и меѓународни прашања.
Муцунски посочи дека Мацинка ќе биде и еден од говорниците на Амбасадорскиот совет, кој во четврток и петок ќе се одржи во Скопје, со учество на шефовите на македонските дипломатско-конзуларни претставништва во странство.
– Ова е првпат по 2019 година Амбасадорскиот совет повторно да се одржи во нашата држава, со физичко присуство на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва. По повеќе години, нашата дипломатска мрежа повторно ја собираме на едно место за директна, суштинска и стратешка координација. Амбасадорскиот совет е еден од најважните механизми за стратешка координација на македонската дипломатија. Целта е јасна: да направиме пресек на сработеното, да ги усогласиме позициите и, пред сè, да поставиме конкретни задачи за периодот што следува – рече Муцунски.
Според него, Амбасадорскиот совет е еден од најважните механизми за стратешка координација на македонската дипломатија, со јасна цел, пресек на сработеното, усогласување на позициите и поставување конкретни задачи за периодот што следува.
– Ќе разговараме за европската и евроатлантската агенда, геополитичките и безбедносните промени, регионалната стабилност, институционалната отпорност, економската дипломатија и конзуларното работење. Но, нема само да анализираме што се случува во светот. Ќе утврдиме што тие промени значат за нашата држава, како влијаат врз нашите интереси и што конкретно очекуваме од секое наше дипломатско-конзуларно претставништво – истакна Муцунски.
Во време на длабоки геополитички промени, растечки безбедносни предизвици и сè покомплексни меѓународни односи, вели, дипломатијата не смее да биде пасивна. – Потребна ни е дипломатија која предвидува. Која реагира навремено. Која гради партнерства. И која одлучно ги штити националните интереси – порача Муцунски.
Информираше дека амбасадорите и генералните конзули во рамките на Советот ќе имаат директен дијалог со Претседателката на државата, Премиерот и Претседателот на Собранието, што испраќа порака за потребата од институционална координација, јасни позиции и сериозен државен пристап.
– Европската интеграција останува еден од нашите централни стратешки приоритети. Нашата дипломатска мрежа има задача јасно и аргументирано да ги претставува нашите позиции и реформски резултати пред европските партнери. Да бараме фер и предвидлив европски процес, заснован на резултати, европски вредности и взаемна почит – рече Муцунски.
Тој посочи дека еден од главните фокуси на годинашниот Совет ќе биде економската дипломатија, со јасна порака до амбасадорите дека „секој амбасадор мора да биде и економски промотор на нашата држава“.
– Повреќе инвестиции, поголем извоз, нови деловни контакти, нови пазари за македонските компании. Тоа мора да стане мерлив дел од работата на нашите претставништва. Нашите амбасади треба да отвораат врати за македонските компании и добрите политички односи да ги претвораат во конкретни економски можности за нашата земја – порача Муцунски.
Во центарот на работата, додаде, секогаш мора да бидат граѓаните. Според него, дипломатијата има смисла само ако создава конкретна вредност за државата и за луѓето на кои им служи.
– Затоа ќе разговараме за модернизацијата и дигитализацијата на конзуларните услуги, подобрата институционална координација и поблиската комуникација со нашата дијаспора. Нашата цел е едноставна: македонскиот граѓанин, каде и да се наоѓа, да знае дека неговата држава е таму кога му е потребна. Истовремено, ќе ги слушнеме и нашите амбасадори и генерални конзули. Тие најдобро ги познаваат предизвиците на теренот. Сакам отворено да разговараме за тоа што функционира, што мора да подобриме и што е потребно нашата дипломатска мрежа да биде поефикасна, попрофесионална и подобро подготвена – истакна Муцунски.
Тој прецизираше три клучни очекувања од дипломатската мрежа.
– Од нашата дипломатска мрежа очекуваме три работи: да ги штити нашите национални интереси, да отвора можности за нашата држава и да им служи на македонските граѓани. Во четврток и петок овие принципи ќе ги претвориме во конкретни задачи, подобра координација и мерливи резултати – порача Муцунски.
Според него, силната дипломатија не се мери според бројот на средби, посетени престолнини или потпишани документи.
– Се мери според интересите што ги штити, партнерствата што ги гради, можностите што ги отвора и резултатите што ги создава за својата држава и за своите граѓани. Надворешната политика е државна политика. И токму таква дипломатија градиме. Модерна и активна. Професионална и самоуверена. Стратешки координирана. Дипломатија која знае кои се нашите интереси и има капацитет да ги застапува. Дипломатија во служба на нашите граѓани, на нашата држава и на нашата татковина – заклучи министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

















