
Основниот кривичен суд Скопје ја донесе првата пресуда во случајот со повеќе од пет тони марихуана запленети во Србија, која според истрагата била транспортирана од Северна Македонија со цел понатамошна продажба.
Д.С. е осуден на три години и шест месеци затвор за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Пресудата е донесена врз основа на предлог-спогодба со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Д.С. ја признал одговорноста за дејствијата опфатени со спогодбата и се согласил на предложената казна.
Според утврденото во пресудата, Д.С. бил дел од организирана криминална група која од 2025 година до јануари 2026 година била вклучена во неовластена набавка, складирање и транспорт на марихуана од Северна Македонија кон Србија.
Во рамки на истрагата, во Србија биле запленети повеќе од пет тони марихуана, додека при претрес на просториите на правно лице во Скопје биле пронајдени и одземени 9,635 килограми сув цвет од канабис, како и повеќе од 1.300 шишиња и канистри со непречистен екстракт од масло од канабис.
Судот утврдил дека Д.С. го сторил кривичното дело согласно член 215 од Кривичниот законик. При одмерувањето на казната биле земени предвид тежината на делото, но и признанието на одговорноста, фактот дека не бил претходно осудуван и дека против него не се водела друга кривична постапка.
Во казната ќе му биде засметано и времето поминато во притвор, сметано од 17 февруари 2026 година.
Од Д.С. се одземени и предмети за кои судот утврдил дека биле наменети или употребени за извршување на кривичното дело, меѓу кои мобилен телефон и поголемо количество текстилна стока. Тој е задолжен да ги плати и трошоците на кривичната постапка.
Пресудата е правосилна од денот на нејзиното донесување, бидејќи обвинителството, осудениот и неговиот бранител се откажале од правото на жалба.

















