Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денес се одржа прес-конференција по повод една година од почетокот на мандатот на Владата. Свои обраќања имаа министерот Тимчо Муцунски и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски и развојни зони, Гоце Димовски.
Муцунски истакна дека во изминатиот период е направено суштинско редефинирање на македонската надворешна политика, која сега ги опфаќа и надлежностите за надворешна трговија.
„Во периодот од конституирањето на Владата до денес, со ново поставените цели и приоритети на Владата и МНРНТ, постигнавме суштинско редефинирање на македонската надворешна политика – проширена и со портфолиото на надворешна трговија“, изјави Муцунски.
Клучен чекор, според него, бил донесувањето на новиот Закон за надворешни работи, со кој се зголемува процентот на професионални амбасадори и се уредува улогата на Собранието во меѓународните односи.
„Со овој закон го зголемивме задолжителниот процент на професионални амбасадори, ги подобривме условите за работа на дипломатите, ги презедовме надлежностите во делот на надворешната трговија и воспоставивме јасна законска рамка за улогата на законодавниот дом во меѓународните односи.“
Министерот потенцираше дека фокусот бил ставен на јакнење на билатералниот дијалог и економската соработка со стратешки партнери, НАТО и ЕУ, соседните земји и држави од сите региони.
„Ги продлабочивме односите со традиционалните партнери и изградивме нови пријателства.“
„Членството во НАТО останува клучно“, рече Муцунски.
Во делот на интеграцијата со Европската унија, беше подготвена и усвоена Реформската агенда 2024–2027, што резултираше со добивање на 52,4 милиони евра предфинансирање – Македонија е првата земја што ги добива овие средства.
„Со навремена имплементација, станавме прва држава што доби предфинансирање од 52,4 милиони евра.“
Партнерството со САД, според Муцунски, останува основа на надворешната политика.
Во делот на конзуларните услуги, Министерството набавило нова опрема за биометриска обработка, ги зголемило капацитетите за издавање патни исправи и постигнало напредок во усогласување со европските стандарди. Постигната е и визната либерализација со Обединетите Арапски Емирати, а во тек е спогодба за дипломатско и службено патување без визи со Азербејџан.
Во однос на дијаспората, поддржани се 25 проекти, се разгледуваат 117 нови, а во тек е изработка на Националната стратегија за дијаспората 2025–2030.
Муцунски се осврна и на улогата на министерството за време на трагедијата во Кочани и на евакуациите од Блискиот Исток.
„Упативме над 100 наши граѓани на лекување во 14 европски земји. Реализиравме и успешни евакуации од Блискиот Исток“, изјави тој.
Во заклучок, министерот Муцунски подвлече дека дипломатијата не се гради само со документи, туку со став, однесување и визија.
„Дипломатијата не е само надворешна политика, таа е карактерот на државата во очите на светот. И оваа година, изградивме карактер – достоинствен, цврст и целосно усогласен со националните интереси. Карактер што го носи секој вистински Македонец со гордост. Дипломатијата не се гради само со документи и средби, туку со секој збор, секоја постапка и секое партнерство. Токму во тоа успеавме. Од позиција на климање со глава, се вративме на патот на самопочит, стабилност и влијание. Денес сме држава што гради, нуди и создава – со почит, визија и интегритет. Со ваков карактер, ја потврдивме нашата позиција како кредибилен и респектиран партнер. А најважно – ја вративме довербата на граѓаните.“