УТРО.мк

Мицкоски: Илинден е обврска, оваа генерација политичари ќе покаже дека може подобро

Мицкоски: Илинден е обврска, оваа генерација политичари ќе покаже дека може подобро
Vero

Премиерот Христијан Мицкоски во својата честитка по повод 2 Август – Илинден порача дека празникот не е само симбол на минатото, туку и жива обврска за иднината. Тој истакна дека стремежот за слобода и правда, започнат од Илинденците и потврден во АСНОМ, денес е задача на институциите и граѓаните – да се надминат поделбите и да се гради силна, праведна и безбедна Македонија.

„Илинден е вистината за Македонија која живее. Тоа не е само историја – тоа е жив идентитет, потсетник на стремежот за слобода, правда и сопствена држава. Стремежот денес е остварен, но не и завршен“, порача Мицкоски.

Тој додаде дека Илинден е и одговорност, особено за политичките институции, кои имаат обврска да го продолжат патот започнат во Крушево и потврден во Првото заседание на АСНОМ, со работа, чесност и визија.

„Оваа генерација политичари има должност да покаже дека може подобро. И ќе покаже! Свесни сме дека довербата на граѓаните се оправдува со резултати. Затоа сме посветени да ја направиме Македонија држава на можности – праведна, безбедна и просперитетна, со силни институции на страната на народот“, нагласи премиерот.

Мицкоски ја искористи приликата да повика на национално единство околу идејата за современа Македонија, која ќе ги надмине поделбите и ќе ја претвори историската сила во одржлива иднина.

„Нека е вечен Илинден! Нека е жива и вечна Македонија!“, заврши премиерот.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран