Будва, 2 август 2025 – Вработен како обезбедувач во казино-хотел во Будва е осомничен за тешка кражба од 300.000 евра и моментално е во бегство. Станува збор за Д.К. (42) од Цетиње, кој, според истрагата, на 30 јули го спровел однапред испланираниот грабеж.
Полицијата информира дека осомничениот неколку дена го набљудувал процесот на отворање на сефот и го запаметил ПИН-кодот и начинот на отворање. Грабежот се случил околу 2:45 часот наутро, кога Д.К. го искористил моментот на невнимание на останатиот персонал, влегол во просторијата и од сефот украл две кеси полни со пари во вредност од околу 300.000 евра.
По извршената кражба, избегал со возило во правец на Цетиње. Полицијата извршила претреси во неговиот стан и помошни објекти, како и на возилото што се сомнева дека било користено при бегството. Против него е поднесена кривична пријава за тешка кражба, а Полицијата на Будва издаде локална потерница.
Се преземаат интензивни активности за негово пронаоѓање и изведување пред правосудните органи.