Новиот европски сеизмички модел што се споделува на социјалните мрежи уште еднаш ја потврдува ранливоста на Балканот, при што Македонија се наоѓа во категоријата со највисок ризик од земјотреси.
Мапата ја дели Европа на три нивоа – црвена зона со висок ризик, портокалова со среден до низок ризик и зелена зона со минимална опасност. Според прикажаните податоци, целиот Балкан, вклучувајќи ги Македонија, Хрватска, БиХ, Словенија, Црна Гора, Албанија и Грција, се наоѓа во најкритичната црвена категорија, заедно со западниот дел на Турција.
Од друга страна, Ирска, Велика Британија, Скандинавија, балтичките земји и Полска се прикажани како речиси целосно безбедни региони. Шпанија, Португалија, Франција, Австрија и Унгарија влегуваат во портокаловата зона, додека Италија е претставена речиси целосно во црвено, што ја издвојува како една од најподложните земји на тектонски активности.
Авторите на мапата напоменуваат дека дел од податоците може да имаат одредени ограничувања, со оглед на тоа што старите или неактивни раседи не се секогаш прецизно прикажани. Сепак, визуелизацијата повторно ја актуелизира потребата од сериозен пристап кон сеизмичката безбедност и јакнење на заштитните стандарди во Македонија и регионот.























