
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, и градоначалникот на Арачиново, Даут Беќири, на денешната работна средба го потврдија напредокот на клучните инфраструктурни проекти во општината.
Во моментов се активни четири нови проекти за проширување на канализационата мрежа и уредување на речните корита во населените места Орланци, Грушино, Мојанци и Арачиново. Дополнително, со поддршка на меѓународни партнери, се работи на модернизација на водоснабдувањето за да се обезбеди стабилен пристап до чиста вода за сите граѓани.
Преку досегашните повици од Министерството, за подобрување на условите за живот на жителите се обезбедени околу 200 милиони денари. Во рамките на првиот инвестициски циклус веќе се целосно завршени 12 проекти за фекална и атмосферска канализација и уредување на речното корито на Мојанска Река. Во завршна фаза е и еден од најкрупните зафати – уредувањето на периферниот канал во Арачиново, инвестиција вредна над 63 милиони денари.
Министерот Хоџа истакна дека овие инвестиции се директен резултат на успешната соработка меѓу централната и локалната власт. Целта е преку современа инфраструктура да се обезбеди подобра заштита на животната средина и подобри услови за живот на локалното население.























