Поплави, одрони, спасувачки интервенции и значително отежнат сообраќај – обилните врнежи што ја зафатија Македонија предизвикаа сериозни проблеми за граѓаните и службите.
Рано утрово, пожарникарите од Старо Нагоричане реагирале на повик за помош на две лица заглавени во автомобил кај бањата во селото Стрновац, поради излевањето на реката Пчиња. Интервенцијата завршила успешно, а лицата се извлечени на безбедно.
Столичното Скопје утрото го дочека под густо сивило и преполни улици. Дел од градските сообраќајници се претворија во импровизирани езера, а во населбата Козле жителите со мака ги извлекуваа возилата од поплавените паркинзи. Во Центарот за управување со кризи службите непрекинато работат на пријави од терен.
Според синоптичарите, во последните 48 часа најмногу дожд паднал околу Лазарополе, а врнежите ќе продолжат до крајот на неделата. Водостоите на речните корита значително се покачени, особено на Вардар.
Надлежните апелираат на зголемена претпазливост при движење покрај реки и езера, поради ризик од нови излевања и активирање на одрони.























