По големиот пожар во фабриката за електронски отпад во Трубарево, докторот токсиколог Андон Чибишев предупреди на сериозни последици по здравјето на граѓаните.
„При горење на електронски отпад се ослободуваат големи количини екстремно токсични гасови, меѓу кои јаглероден моноксид, јаглероден диоксид, флуороводород и пареи од тешки метали како олово, жива, кадмиум и арсен“, напиша Чибишев на својот Фејсбук профил.
Тој потенцира дека најранливи се децата, бремените жени и лицата со хронични заболувања, како срцеви, белодробни и малигни заболувања.
Токсикологот упати и конкретни совети за заштита: „Апелирам граѓаните да затворат прозорци, да не излегуваат надвор без посебна потреба и да користат прочистувачи на воздух со максимален капацитет.“