
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 26. седница го усвои Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси за 2026 година. Планот предвидува проверка на имотната состојба и можен судир на интереси кај 60 функционери, како и кај 10 судии, 10 јавни обвинители, 10 пратеници, 10 министри, 10 актуелни градоначалници и 10 лица на кои во 2025 година им престанала функцијата градоначалник. Имињата на овие лица ќе бидат утврдени во јануари, врз основа на анализа на електронската база на податоци.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, истакна дека при подготовката на планот биле земени предвид препораките на Европската комисија за зајакнување на следењето на имотната состојба, како и годишните анализи и оценка на ризикот од корупција во четирите главни области: правосудството, законодавната власт, извршната власт и локалната самоуправа.
„Имајќи ги предвид препораките од Европската комисија, предлагаме да се зголеми бројот на функционерите опфатени во следењето на имотната состојба и судирот на интереси на 60“, појасни Чучуљ.
Покрај тоа, на седницата ДКСК ја усвои и Програмата за работа за 2026 година, која вклучува стратешки определби за исполнување на законските надлежности на Комисијата, препораки од извештаите на Европската комисија и ГРЕКО, како и мерки и активности од Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2021–2030.
Членовите на Комисијата го усвоија и Годишниот план за спроведување антикорупциска проверка на легислативата. Антикорупциската проверка ќе се однесува на законот за лобирање, законот за локална самоуправа, законот за вештачење, законот за финансирање на политички партии, правилникот за доделување лиценци на здравствените работници со високо образование и законот за заштита на културното наследство.
Исто така, ДКСК го стави вон сила упатството за рангирање на предметите по доставени пријави од 2021 година, бидејќи покажало дека создава простор за субјективност и не давало резултати. Со измените во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Деловникот за работа, ќе се регулира начинот на постапување и рангирање на предметите.



























