
На регионалниот пат Желино – Тетово, вчера наутро се случи тешка сообраќајна несреќа во која едно лице се здоби со тешки телесни повреди, а повеќе други, меѓу кои и две деца, се здобиле со полесни повреди.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена на 30 декември 2025 година во 10:35 часот. Во судирот учествувале патничко возило „БМВ“ со италијански национални ознаки, управувано од Љ.П. (44) од Голема Лешница, тетовско, и патничко возило „Фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Х.Љ. (40) од Добарце, тетовско.
По судирот, возилата удриле и во паркирано „Јагуар“ во сопственост на А.З. (31) од Требош, тетовско.
Возачот на „БМВ“-то, Љ.П., се здобил со тешки повреди, додека неговиот сопатник Ј.Е. (20), возачот на „Голф“-от и неговите сопатници Г.Ј. (41), Л.С. (43) и две деца на возраст од пет и шест години, се здобиле со телесни повреди. Сите повредени биле пренесени во Клиничката болница во Тетово.



























