Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до вчера на полноќ се доставени вкупно 69 иницијативи за предлагање на кандидати за градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје, како и 68 иницијативи за предлагање на листи за советници на советите на општините и Советот на Град Скопје.
Листите на кандидати за членови на советите и листите на кандидати за градоначалници, заедно со евидентираните потписи и целокупната документација, може да се поднесат до Општинските изборни комисии (ОИК) до 13 септември до полноќ, информира ДИК.
Независни кандидати за градоначалници собрале потписи за 38 општини, меѓу кои се Пробиштип, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Битола, Гостивар, Кисела Вода и за градоначалник на Град Скопје. Независни листи за советници се подготвуваат за повеќе општини, вклучувајќи ги Пробиштип, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Тетово, Штип, Кичево, Кисела Вода и за Советот на Град Скопје.
ДИК потсетува дека покрај собраните потписи, заедно со листите се доставуваат и сите документи наведени во Упатството за поднесување и потврдување на кандидатски листи за локалните избори 2025, објавено на официјалната веб-страна на Комисијата. Рокот за собирање на потписи заврши на 1 септември 2025 година на полноќ.