
Судскиот процес за пожарот во кочанскиот ноќен клуб „Пулс“, каде што животот го загубија 63 луѓе, а над 200 беа повредени, денес продолжува во кривичната сала на затворот „Идризово“.
На рочиштето предвидено за денеска, обвинителството ќе продолжи со претставување на докази преку сослушување на пет сведоци што ги предложи јавниот обвинителски тим, кој брои 15 обвинители.
На минатото рочиште во судот беше сослушан Горан Игновски, стручњак со повеќе од три децении искуство во продажба, одржување и најем на опрема за настани – од озвучување и осветлување до сценски ефекти. Неговиот исказ требаше да даде технички увид во опремата што се користела во клубот.
Потоа во судницата сведочеше и вработена во сметководствено биро што имала соработка со агенцијата за обезбедување „Рубикон“. Таа категорично изјави дека никогаш не се сретнала со каков било материјален доказ кој би ја поврзал агенцијата со дискотеката „Пулс“.
Истата судска седница донесе и сведочење од службеничка од подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување во Кочани, која изјави дека оваа институција не добила никаков вид на документација поврзана со клубот и дека во нивниот регион нема инспектор за заштита и спасување.
Еден од најочекуваните моментите беше исказот на Трајче Димишковски, долгогодишен возач‑доставувач во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, чие сведочење привлече внимание откако тој го промени својот исказ од истражната постапка. Неговото сведочење беше прекинато, а денеска во судот ќе биде прочитано она што го изјавил пред обвинителите веднаш по трагедијата што ја потресе земјата.























