
Наскоро ќе започне тридневната меморијална програма во Кочани во чест на првата годишнина од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, настан кој пред една година однесе 63 животи на млади луѓе и остави длабоки рани кај преживеаните и семејствата. Општина Кочани, заедно со семејствата на жртвите, државните институции и локалните организации, организира низ активности кои го одбележуваат овој болен настан и ја потенцираат важноста од безбедноста на јавните простори.
Програмата започнува на 14 март 2026 година со богослужба, литургија и опело во храмот „Св. Великомаченик Георгиј“ и продолжи на Градските гробишта, каде се оддаде почит кон жртвите. На 15 март, во склоп на меморијалниот карактер на настанот, ќе се одржи велосипедска тура од Штип до Кочани, меморијален планинарски марш „Ивона Антова и 63 ангели“ на Пониква, како и кошаркарски турнир. Целата програма завршува на 16 март пред дискотеката „Пулс“ со централното одбележување „Светлина што останува“, поставување на 63 бели столчиња во Паркот на револуцијата и комеморативна седница.
Во исто време, Владата на Републикс Македонија во Скопје организира Меѓународна конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“, на која ќе учествуваат 37 лекари и експерти од 19 европски држави. Целта на конференцијата е да се анализираат државните реакции и интервенции, како и да се изнајдат системски решенија за спречување на слични трагедии во иднина.
Солидарноста кон Кочани не застана на локално ниво. Општина Штип, каде дел од жртвите беа ученици на средното медицинско училиште „Јане Сандански“, на 16 март ќе постави камен-темелник за спомен-обележје на плоштадот „Слобода“. Пет гулаби и ангел ќе носат имиња на загинатите ученици, како симбол на трајна почит и заедничка болка на двете заедници.
Градоначалникот на Кочани, Влатко Грозданов, ги повика граѓаните и институциите на достоинствено однесување, со препорака за ослободување од работни обврски и ограничување на сообраќајот за непречено движење на делегациите.
И покрај поминатата година, јавноста останува фокусирана на барањето правда и одговорност. Судските процеси се во тек, а семејствата на жртвите и повредените инсистираат на целосно расветлување на трагедијата и утврдување на системските пропусти што дозволиле дискотеката да функционира спротивно на законските прописи.























