
Синоќа на Меѓународниот аеродром во Приштина слета специјален авион кој превезуваше 151 патник од Блискиот Исток, поточно од Катар, Кувајт, Саудиска Арабија и Бахреин, соопшти министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Од вкупниот број патници, 109 беа македонски државјани, додека останатите доаѓаа од различни други земји. Муцунски истакна дека со овој трет организиран лет, македонските граѓани од регионот се евакуирани безбедно и во согласност со претходно изготвен план, во тесна координација со надлежните институции. Патниците претходно беа транспортирани до Ријад со организиран превоз, од каде специјалниот лет ги донесе надвор од погодените области.
„Безбедноста на македонските граѓани е и останува наш врвен приоритет. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе продолжи да биде на располагање на сите наши државјани кои имаат потреба од поддршка во кризни региони“, напиша Муцунски на својот Фејсбук-профил.























