УТРО.мк

Проданоски: Прилеп го доби првото од деветте нови комунални возила за собирање отпад

Проданоски: Прилеп го доби првото од деветте нови комунални возила за собирање отпад
Vero

Општина Прилеп го доби првото од вкупно девет специјализирани комунални возила за собирање и транспорт на отпад, во рамки на Регионалната програма за управување со цврст отпад, информираше градоначалникот Дејан Проданоски.

Станува збор за специјализиран камион со капацитет од 8 кубни метри, кој е дел од новата комунална опрема што ќе ја добие општината преку Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Со оваа комунална опрема значително ќе ја зајакнеме ефикасноста на комуналните услуги и ќе направиме важен чекор кон воспоставување на интегриран и одржлив систем за управување со отпад, усогласен со европските директиви за отпад и депонии“, истакна Проданоски.

Во наредниот период, етапно ќе бидат испорачани уште пет специјализирани комунални возила со капацитет од 12 кубни метри, уште едно возило со капацитет од 8 кубни метри, како и два помали камиони со капацитет од 6 кубни метри.

Од Општина Прилеп посочуваат дека со новата опрема ќе се подобри ефикасноста во собирањето и транспортот на отпадот, што ќе придонесе за почиста животна средина, повисок квалитет на живот и подобра јавна хигиена во градот.

Во рамки на проектот, за општината веќе се испорачуваат и 8.318 канти за селекција на отпад, како и 126 контејнери со капацитет од 1,1 кубен метар за собирање мешан и рециклабилен отпад.

Новата комунална опрема е наменета за вкупно 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот регион, а проектот е со вкупна вредност од 11 милиони евра. Регионалниот проект за управување со цврст отпад се реализира со поддршка на Европската банка за обнова и развој и има за цел воспоставување функционален регионален систем за управување со отпад.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран