
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека со денешниот настан симболично е заокружено годинешното издание на карневалот „Прочка 2026“, при што им беше оддадена благодарност на сите учесници кои со својата креативност и оригинални маски придонесоа за успешна организација на манифестацијата.
Како знак на благодарност, на наградените учесници им беа доделени ваучери за патувања, со цел прилепските карневалски групи да можат да учествуваат на карневали низ државата и во странство, промовирајќи го градот и неговите традиционални вредности.
Проданоски упати посебна благодарност до учениците од основните и средните училишта, како и до сите карневалски групи кои беа дел од дефилето, нагласувајќи дека со нивното учество достојно бил одбележан јубилејот – 25 години од карневалот „Прочка“.
Според него, годинава бил направен сериозен исчекор во враќањето на квалитетот на карневалот. На манифестацијата учествувале повеќе од 1.000 маскирани учесници од Прилеп и од други градови во државата, а повторно бил вратен и интернационалниот карактер со учество на карневалски групи од странство.
На карневалот присуствувал и Ларс Алгел, претседател на Европската асоцијација на карневалски градови, што, како што посочи Проданоски, е потврда дека карневалот повторно се позиционира како препознатлив бренд на карневалската и туристичката мапа.
За организацијата на настанот, сместувањето на гостите и придружните активности, Општина Прилеп годинава предвидела буџет од еден милион денари, кој бил целосно реализиран.
Проданоски нагласи дека карневалот добива нова димензија и постепено прераснува во значајна туристичка атракција, со цел во иднина да привлече уште поголем број посетители, како од земјава, така и од странство.























