
Администрацијата на Доналд Трамп побарала од Израел да престане со нападите врз иранските складишта за нафта, објави Axios, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.
Според израелски функционер, пораките од Вашингтон биле пренесени на високо политичко ниво до началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир. Извор близок до разговорите навел дека американската администрација навела три главни причини за ваквото барање.
Првата причина е дека нападите врз нафтените складишта директно му штетат на иранското население, од кое значителен дел се противи на актуелниот режим.
Втората причина е планот на Трамп по завршувањето на конфликтот да работи на соработка со иранскиот нафтен сектор, слично на пристапот што го применуваше кон Венецуела.
Третата причина е стравувањето дека ваквите напади би можеле да предизвикаат масовна одмазда од Иран врз енергетската инфраструктура во земјите од Персискиот Залив, што би довело до дополнителна ескалација и раст на цените на нафтата.
Иран претходно изврши напади со беспилотни летала врз енергетски објекти во регионот на Заливот, но без поголема или трајна штета. Сепак, во Вашингтон постои загриженост дека нова рунда напади врз иранската нафтена инфраструктура би можела да ја промени таа пресметка и да предизвика поширок конфликт.
Според истиот извор, Трамп ги гледа нападите врз енергетските капацитети на Иран како „апокалиптична опција“, која треба да се користи само како последно средство, доколку Техеран прв ги нападне нафтените капацитети во регионот.
Американскиот претседател и јавно сигнализираше таков став, предупредувајќи дека Иран ќе биде погоден „20 пати посилно“ доколку ги загрози глобалните резерви на нафта.
На социјалната мрежа Truth Social, Трамп напиша дека Соединетите Американски Држави ќе „уништуваат цели кои ќе оневозможат Иран како нација некогаш да може да се обнови“, алудирајќи на можни напади врз нафтените капацитети.
Американскиот сенатор Линдзи Греам исто така ги критикуваше израелските напади врз складиштата за гориво, нагласувајќи дека целта е да се ослободи иранскиот народ без да се уништи економската основа за иднината на земјата.
„Ве молиме бидете внимателни при изборот на цели. Нашата цел е да го ослободиме иранскиот народ на начин што нема да ја уништи нивната можност за нов и подобар живот по падот на режимот. Нафтената економија на Иран ќе биде клучна за тој потфат“, порача Греам.
Во меѓувреме, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека САД не учествувале во нападите врз складиштата за гориво во Иран.























