Според најновите прогностички модели (ECMWF и GFS), почетокот на август ќе биде далеку од летен. Во периодот од 1 до 7 август, времето во Македонија ќе биде нестабилно, променливо и посвежо, со честа појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер, предупредува метеорологот Славчо Попоски.
Локално се очекува и појава на краткотрајно невреме проследено со силен ветер и можност за град. Утрото ќе биде посвежо, со температури од 10 до 19 степени, додека преку ден максималните дневни температури во поголемиот дел од земјата ќе бидат под 30 степени. Исклучок ќе биде Повардарието и југоисточните предели, каде температурите може да достигнат до околу 35 степени.
„Под влијание на посвежа воздушна маса од север, во првата недела од август ќе имаме потпросечни температури на воздухот не само кај нас, туку и во целиот регион“, изјави Попоски.
Иако многумина очекуваа врел летен бран, почетокот на август носи значително поумерени услови, што за некои може да значи пријатно освежување, а за други – разочарување среде летната сезона.