
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави дека до крајот на годината граѓаните и компаниите ќе добијат меѓу 20 и 30 нови електронски услуги, а дополнително уште околу 30 услуги преку проект поддржан од Европската Унија, односно ИПА Компонента три. Ова го истакна во интервју за ТВ Алфа, зборувајќи за напредокот и идните планови во дигитализацијата.
Андоновски посочи дека значаен дел од новите услуги ќе се однесуваат на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, институција која, како што рече, е директно поврзана со секојдневните потреби на граѓаните – од боледувања до промени во осигурувањето. Покрај тоа, најави и околу 15 електронски услуги од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, кои главно ќе бидат поврзани со лиценци и потврди за компании.
Министерот нагласи дека покрај буџетските и веќе планирани услуги, дополнителните околу 30 е-услуги ќе бидат развиени преку ИПА проект кој треба да започне оваа пролет. Според него, ова ќе овозможи годината да заврши со значително зголемен број дигитални услуги.
Андоновски изнесе и податоци за силен раст во користењето на електронските услуги. Во 2024 година месечниот просек изнесувал околу 3.450 услуги, додека во 2025 година тој број пораснал на 13.450, што претставува раст од 74 проценти. Бројот на корисници, пак, е зголемен за 62 отсто во однос на претходната година.
Тој истакна дека Националниот портал за е-услуги е сè попрепознатлив и прифатен од граѓаните, а во моментов се работи на негова хардверска и софтверска надградба за да биде побрз, побезбеден и полесен за користење.
Министерот нагласи дека дигитализацијата не значи укинување на хартиените документи. Граѓаните и понатаму ќе можат да извадат изводи и потврди на шалтер, доколку не сакаат или не можат да користат дигитални алатки. Дополнително, помош за користење на е-услугите е достапна и во 14-те центри за услуги на Министерството.
Минатата недела беа воведени четири нови електронски услуги поврзани со здравственото осигурување, а услугите од Управата за водење на матичните книги се целосно мигрирани на Националниот портал и целосно дигитализирани.



























