
Европската Унија и Индија постигнаа историски договор за слободна трговија што ги поврзува пазарите на речиси две милијарди луѓе и економии кои учествуваат со околу една четвртина од светскиот бруто-домашен производ. Договорот доаѓа во период на зголемени глобални трговски тензии, царински војни и геополитички пресврти, а според европските претставници претставува силен сигнал дека трговијата заснована на правила и партнерства останува возможна.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека договорот означува ново поглавје во односите меѓу двете најголеми демократии во светот, истакнувајќи дека создадената зона на слободна трговија ќе донесе значителни економски придобивки за двете страни.
Најголемите промени се однесуваат на отворањето на индискиот пазар, кој со децении важеше за еден од најзаштитените во светот. Во автомобилскиот сектор, царините за европските возила постепено ќе се намалуваат од сегашните 110% на 10%, што создава услови за значително присуство на европските производители на третиот најголем автомобилски пазар во светот.
Во технолошкиот и индустрискиот сектор, царините за машини и електрична опрема, кои достигнуваа и до 44%, ќе бидат целосно укинати. Европската Унија проценува дека ова ќе донесе годишни заштеди од околу четири милијарди евра само по основ на царински трошоци.
Договорот носи и поширок пристап за европските „премиум“ земјоделски и прехранбени производи. Вина, сирења, маслиново масло, чоколади и други производи со висока додадена вредност ќе станат поконкурентни на индискиот пазар, потпирајќи се на брзорастечката средна класа од стотици милиони потрошувачи. Притоа, чувствителните сектори како говедско месо, пилешко, ориз и шеќер се исклучени од либерализацијата, со цел да се заштитат европските земјоделци и стандардите за безбедност на храната.
Во 2024 година, извозот на земјоделски и прехранбени производи од ЕУ во Индија изнесуваше само 1,3 милијарди евра, главно поради високите царини кои во просек беа 36%, а во некои случаи и до 150%. Новиот договор треба значително да ја промени оваа слика.
Покрај стоките, значајни се и одредбите за услугите. Индија презема најамбициозни обврски досега во либерализацијата на овој сектор, обезбедувајќи попредвидлив пристап за европските компании во финансиските услуги, поморскиот транспорт и професионалните дејности. Во 2024 година, извозот на услуги од ЕУ во Индија достигна 26 милијарди евра, а се очекува дополнителен раст со новите правила.
Посебно внимание е посветено на малите и средните претпријатија. Договорот предвидува посебно поглавје со контакт точки и заедничка дигитална платформа што ќе обезбеди јасни информации за царини, процедури и услови за влез на пазарот, со цел помалите компании полесно да ги искористат можностите.
Од геополитички аспект, договорот се оценува како клучен елемент од стратегијата на ЕУ за намалување на зависноста од Кина и диверзификација на синџирите на снабдување. Аналитичарите посочуваат дека Индија е единствениот пазар со капацитет долгорочно да ја балансира доминацијата на Кина во глобалната економија.



























