Пограничната полиција од Корча вчера извела спасувачка акција со која помогнала на македонски параглајдерист што бил однесен од силните ветрови на албанска територија. Настанот се случил по полетување од Свети Наум, кога временските услови го пренасочиле неговиот лет кон селото Аларуп, Поградец.
По добиена дојава од македонската капетанија во Свети Наум, службите на Дирекцијата за граница и миграција од Корча веднаш реагирале, го лоцирале спортистот В.П. и воспоставиле контакт со него. Тој бил во добра здравствена состојба и по интервенцијата бил спроведен до граничниот премин Тушемиште, од каде се вратил на македонска територија.
Параглајдеристот им се заблагодарил на албанските полициски служби за брзата и професионална реакција. Од Дирекцијата за граница и миграција порачаа дека граничната полиција останува целосно посветена на безбедноста на граѓаните, посетителите и туристите, со потсетување дека за итни случаи е достапен бесплатниот број 112.