Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против тројца полициски службеници од СВР Скопје – Б.Ф., Ѓ.И. и С.П.
Тие се сомничат за кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 1 од Кривичниот законик, откако не постапиле по констатирани сообраќајни прекршоци и овозможиле истите да застарат.
Во периодот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2023 година, тројцата службеници примиле записници за прекршоци и платни налози, но за 143 предмети воопшто не изготвиле барања за поведување прекршочна постапка. Дополнително, за уште 30 предмети биле изготвени барања, но не биле навремено проследени до надлежните институции.
Со ваквото постапување, според МВР, настанала претпоставена материјална штета на Буџетот на Министерството во износ од 865.425 до 1.987.215 денари.
Обвинителството ќе ја води понатамошната постапка против тројцата полицајци.