Со државни субвенции, „Виз Ер“ ќе воспостави уште пет нови линии кон Македонија. Од 6 април 2026 година ќе стартуваат летови до Скопје од Будимпешта и Неапол, а од 28 јуни ќе се воспостават линии до Охрид од Катовице, Вроцлав и Милано.
Новите рути беа објавени денеска на прес-конференција од вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски и главниот извршен директор на „Виз Ер“, Џозеф Варади.
Николовски информираше дека авиокомпанијата ќе ја зголеми својата постојана флота на Скопскиот аеродром на шест авиони и дека воедно ќе се замени досегашниот модел Ербас А320 со новиот Ербас А321 нео. Бројот на вработени од Македонија, кој во моментов е 200, ќе се зголеми за дополнителни 100 лица.
Со ова проширување, капацитетот за патници ќе порасне за околу 50 проценти, со што во 2026 година ќе бидат понудени 3,3 милиони седишта за македонскиот пазар.
– Имаме силна оперативна платформа во земјата, шест авиони, рути од Скопје и Охрид и над 200 вработени, а до крајот на 2026 бројката ќе порасне на 3,3 милиони седишта – изјави Варади.
Субвенциите за авиокомпанијата ќе изнесуваат по девет евра по патник за Скопскиот аеродром и 12 евра за Охридскиот аеродром.