Милиони луѓе ширум светот вечерва ќе можат да уживаат во феноменот на целосно затемнување на Месечината, познат како „Крвава Месечина“. Се проценува дека околу 85 проценти од населението на Земјата ќе може да го следи целосното или делумното затемнување.
Затемнувањето се случува кога Месечината влегува во сенката на Земјата, а нејзиниот диск добива црвена нијанса поради светлината расфрлана низ атмосферата. Целосното затемнување се јавува кога целата Месечина е во сенката, делумното кога само дел од дискот е затемнет, а полусенка кога Месечината минува низ полусенката на Земјата.
Во Скопје, Скопското астрономско друштво (САД) ќе постави два телескопа на плоштадот Македонија, овозможувајќи на граѓаните бесплатно да го проследат спектакуларниот астрономски настан и да уживаат во ретката „Крвава Месечина“.