Поранешната ѕвезда на Реал Мадрид, Серхио Рамос (39), го изненади светот со најавата дека се пробува во музичките води. Легендарниот дефанзивец, кој моментно игра за мексиканскиот тим Монтереј, го објави својот деби сингл наречен „Sibeles“.
Насловот на песната е инспириран од мадридскиот плоштад „Плаза де Сибелес“, каде што Реал Мадрид традиционално ги слави своите најголеми победи. Музичкото видео го прикажува Рамос како пее држејќи бројаница, додека на екранот се редат сцени од неговата богата фудбалска кариера.
Во краткиот клип споделен на социјалните мрежи, Рамос пее на шпански, а многумина од неговите следбеници веруваат дека текстот се однесува на неговото заминување од Реал Мадрид во 2020 година. „Постојат работи што никогаш не ти ги кажав, а кои сè уште болат. Никогаш не сакав да си одам, ти ми рече да летам“, се дел од текстот.
Иако видеото собра повеќе од пет милиони прегледи за помалку од 24 часа, реакциите беа поделени. Додека некои фанови критички реагираа на неговата музичка авантура, други го поддржаа и се радуваа на неговиот нов талент.