По децении расправи и научни сомнежи, археологијата доби едно од најзначајните откритија во поновата историја. Новата студија објавена во „Journal of Archaeological Science: Reports“ конечно ја реши мистеријата околу кралските гробници во Ајга (денешна Вергина, Грција) и потврди дека останките на македонскиот владетел Филип Втори, таткото на Александар Велики, се наоѓаат во Гробница I.
Александар III Македонски, познат како Александар Велики, важи за еден од најголемите стратези на сите времиња, но неговиот подем не би бил можен без реформите и моќната воена машинерија создадена од неговиот татко. Филип Втори, кој го претворил Македонското кралство во доминантна сила на Балканот, бил убиен во 336 година п.н.е., а неговото вистинско почивалиште со векови било тема на дебати.
Американски, шпански и грчки научници ги искористиле најсовремените методи – остеолошки анализи, рендген-снимки и споредба со историски извори – за да ја разграничат содржината на трите кралски гробници.
Конечните резултати се јасни:
Гробница I ги содржи останките на Филип Втори, неговата сопруга Клеопатра и нивниот новороден син, убиени по атентатот врз кралот.
Гробница II, долго погрешно сметана за гроб на Филип, му припаѓа на неговиот полубрат Филип III Аридеј и неговата сопруга Адеа Евридика.
Гробница III е последното почивалиште на Александар IV, тинејџерскиот син на Александар Велики.
Во студијата се нагласува дека хипотезата за присуство на Филип Втори во Гробница II не е одржлива и дека сите достапни докази упатуваат кон Гробница I како негово автентично почивалиште. Научниците допрва ги очекуваат дневниците од првичните ископувања за целосно заокружување на истражувањето.
Откритието претставува пресвртница за археолошката наука и носи нов увид во историјата на династијата што го промени текот на светот – онаа на Филип Втори и неговиот син, Александар Велики.



























