Регионот Трентино, на северот од Италија, спроведува нова програма за оживување на селата кои се соочуваат со целосно исчезнување, нудејќи значајна финансиска поддршка за оние што ќе купат и обноват недвижности во овие средини, објави 4NEWS.mk.
Преку програмата, заинтересираните можат да добијат до 20.000 евра за купување имот и дополнителни 80.000 евра за негово реновирање. Финансиската конструкција дополнително покрива до 40% од вкупните трошоци за купување и обнова на стара куќа. Единствен услов е новиот сопственик да живее во имотот најмалку десет години – во спротивно средствата ќе мора да ги врати. Како алтернатива, дозволено е недвижноста да се изнајмува во период од десет години, но парите не можат да се користат за куќи што ќе се издаваат краткорочно или за туристички цели.
За периодот 2025–2026 на располагање се ставени вкупно 10 милиони евра, како дел од пошироката државна иницијатива за оживување на помали места со помалку од пет илјади жители. По првиот циклус на пријави, вториот е веќе отворен и ќе трае до 31 декември на пладне.
Програмата опфаќа повеќе планински и рамничарски населби што се слабо или целосно ненаселени, меѓу кои Вал ди Нон, Вал ди Соле, Вал ди Фиеме, Вал ди Чембра, Валфлоријана, Кастело Тезино, Валларса, Вермилјо и уште многу други. Пријавувањето е отворено за сите – италијански државјани од земјата и дијаспората, странци, како и поединци што сакаат да купат и обноват една до три станбени единици.
Недвижностите мора да бидат во станбена категорија, да не спаѓаат во луксузни класи и да се наоѓаат во згради со најмногу осум станови. По поднесување на пријавата, надлежните одлуката ја носат во рок од 90 дена, а исплатата следува околу 60 дена по одобрувањето.
Програмата покрива широк спектар на работи – од обнова на подови и инсталации, преку внатрешна столарија, па сè до покриви, фасади, балкони, надворешни скали, како и технички трошоци до 10% од целокупната инвестиција.



























