Коалициската влада на Романија усвои декрет што овозможува преземање на локалните средства на компании под меѓународни санкции, меѓу кои и рускиот енергетски гигант Лукоил, пренесе Ројтерс.
Лукоил моментално управува со 320 бензински пумпи во Романија, ја поседува третата најголема рафинерија во земјата и има права за истражување во дел од Црното Море. Рафинеријата, која обезбедува околу една четвртина од горивото на романскиот пазар, веќе неколку недели е во прекин поради редовно одржување. Властите уверуваат дека државата има доволни резерви за да спречи ценовни шокови и дополнителен притисок врз инфлацијата, која е највисока во Европската Унија.
Новата уредба му дава право на државниот врв да назначува специјални администратори во компании чие работење е нарушено поради санкции и со тоа предизвикува ризик за економијата, цените или енергетската безбедност. За активирање на овие мерки потребно е одобрение од Врховниот совет за одбрана.
Мерката е слична на неодамнешниот потег на Бугарија, која донесе закон за преземање на рафинеријата Нефтохим. Засега, не е познато дали Романија ќе ги искористи новите овластувања, но премиерот Илије Болојан најави дека одлуката за можната акција врз бензинските пумпи на Лукоил ќе биде донесена во текот на декември.
Министерот за енергетика Богдан Иван претходно објави дека три компании водат директни разговори за купување на романските средства на Лукоил. Уредбата, исто така, ѝ овозможува на државата да ги преземе истражувачките права на компанијата во делот од Црното Море, за кои лиценцата истекува во првата половина од 2026 година. Според извори од Министерството за енергетика, првичните резултати од дупчењето не откриваат значајни резерви на гас.



























