Месото е важен дел од исхраната, но кардиолозите предупредуваат дека редовната консумација на одредени видови може значително да го зголеми ризикот од покачен холестерол и срцеви заболувања. Според д-р Џојс Овен-Хсијао, месото содржи протеини и железо, но истовремено може да придонесе за воспаленија, дијабетес и проблеми со срцето.
Таа истакнува дека исхраната базирана на растителни намирници носи најмногу придобивки, бидејќи не содржи маснотии и е богата со растителни влакна кои го намалуваат холестеролот. Кај луѓето кои сепак јадат месо, се препорачува зголемување на внесот на зеленчук, интегрални житарки и овошје, а намалување на црвеното и масно месо.
Два вида месо се најштетни за срцето. Првото е црвеното месо, особено масните парчиња, богати со заситени масти кои го покачуваат „лошиот“ LDL холестерол. Тие можат да создадат наслаги во артериите и да го зголемат ризикот од срцев и мозочен удар. Второто се сувомеснатите производи и виршлите, кои содржат многу заситени масти, натриум и нитрати што го зголемуваат ризикот од висок притисок, рак и задржување течности.
Американското здружение за срце препорачува црвеното месо да се сведува на мали, немасни порции. Како поздрави опции се наведуваат печена или варена живина без кожа и риба богата со омега-3 масни киселини, како лосос.























