Четири дена трае потрагата по Ремзи Мифтари за издржување на казната за автобуската несреќа кај Ласкарци
Судот и полицијата веќе четири дена го бараат Ремзи Мифтари, осуден на 10 години затвор за трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, а повеќе од 30 беа повредени. Мифтари претходно ја одложуваше казната со лекарско уверение за кила на тестиси, но откако уверението истече, не се пријавил во затворот Идризово, ниту полицијата може да го најде.
Гостиварскиот суд испратил наредба за присилно приведување, а СВР Тетово потврди дека до сега не успеале да го лоцираат ниту дома, ниту на други места. На граничните премини не е регистриран излез, па се претпоставува дека се крие во државата.
Мифтари, кој беше одговорен за превозот во „Дурмо турс“, заедно со сопственикот Дурмиш Белули, е осуден на по 10 години затвор, додека возачот Маноил Трифуновски доби 14 години, а тројца вработени во техничкиот сервис на компанијата добија по 5 и 7 години затворски казни за трагедијата.























