
Македонската композиторка Ана Пандевска ќе ги презентира своите дела на престижниот фестивал за современа музика ЕКЛАТ, кој од 4 до 9 февруари 2026 година ќе се одржи во Штутгарт, Германија. Нејзината програма, посветена на современите авторски и уметнички практики, ќе вклучува две музички композиции и едно видео, создадено во соработка со македонската режисерка Анастасија Лазарова Пилинг.
Двете музички дела ќе ги изведе реномираниот вокален ансамбл „Ноје вокалсолистен Штутгарт“. Првото, „Electroacoustic mantra – From ex YU to EU“ (2022/2023), ги истражува границите на мантрата како чин на повторување, инспирирано од долгогодишниот и сложен пат на Македонија кон европската интеграција. Преку вокални и електронски структури, делото го проблематизира трансформирањето на државниот и идентитетскиот наратив, медиумското повторување и политичките ритуали, вклучително и драматичната промена на името – од Република Македонија, преку Поранешна Југословенска Република Македонија, до Северна Македонија.
Второто дело, „From ex YU to EU – Pass the Word / Clap Game“ (2025), е иронична кода на првото. Во него, бирократската и дипломатската комуникација се претвора во апсурдна игра со правила, вето и регулативи. Хуморот служи како ослободувачки механизам, но зад насмевката останува критичката порака за бескрајното чекање, културната адаптација и надворешните блокади кои ја следат Македонија во контекст на уставни, јазични и идентитетски прашања.























