
Сведокот Петар Марковски на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 луѓе, а над 210 беа повредени, рече дека видел како огнените прскалки го запалиле плафонот од сунѓер, кој по реновирањето бил спуштен пониско.
Марковски (25) рече дека 7 години редовно ја посетувал дискотеката во Кочани, а со друштвото биле таму и во кобната ноќ, затоа што го сакале бендот ДНК и отишле на концертот. Исто како и претходните сведоци и тој опиша дека билетите ги купиле од Тодор, братот на сопственикот Дејан, а на влезот имало лица од обезбедување, кои проверувале лични карти и им ставале печати на рака на оние што купиле билети. Нему не му побарале лична карта, бидејќи го познавале.























