
Градоначалникот на Ниш, Драгослав Павловиќ, на 1 февруари спречил обид за грабеж во аптека на улицата Уроша Предиќа, јавија српските медиуми, повикувајќи се на снимка што се прошири на социјалните мрежи. Според објавите, вооружен маж влегол во аптеката заканувајќи се и барајќи пари, по што Павловиќ интервенирал и го разоружал.
Како што наведува порталот NISTV, напаѓачот влегол агресивно, заканувајќи се со зборовите „дај пари“ и „ќе те пукам“. Во моментот кога ситуацијата ескалирала, градоначалникот реагирал инстинктивно, му го грабнал оружјето од раката и го фрлил подалеку. По тоа, напаѓачот се обидел да употреби мачета, превртувајќи каса, компјутер и дел од инвентарот, но бил оттурнат и исфрлен од просторот.
Инцидентот завршил без повредени. Полицијата веднаш била известена, а од Полициската управа во Ниш потврдија дека лицето Љ. М. е уапсено за обид за грабеж и дека е во тек постапка за утврдување на сите околности.
Павловиќ подоцна изјави дека случајно се нашол на местото на настанот, откако низ стаклото на аптеката ги забележал срушените полици и вознемирените луѓе. Тој наведе дека по борбата успеал да му го одземе пиштолот, за кој подоцна сфатил дека бил метална реплика, а потоа и нож налик на мачета, долг над 20 сантиметри. По заминувањето на напаѓачот, останал во аптеката со продавачката и ја чекал полицијата, која брзо пристигнала и го уапсила осомничениот.























