УТРО.мк

Денес се одбележува формирањето на првиот партизански баталјон „Мирче Ацев“

Денес се одбележува формирањето на првиот партизански баталјон „Мирче Ацев“
Vero

На 18 август 1943 година на Славеј Планина е формиран Народноослободителниот баталјон „Мирче Ацев“, првата регуларна воена единица на Народноослободителната војска и партизаните на Македонија (НОВ и ПОМ). Баталјонот бил составен од околу 200 борци од Преспанско-битолскиот НОПО „Дамјан Груев“, делови од Велешкиот НОПО „Димитар Влахов“, Прилепскиот НОПО „Ѓорче Петров“ и новопристигнати борци од Дебрца.

Во септември 1943 година, баталјонот извршил борбен поход во Дебрца, создавајќи прва слободна територија и ослободувајќи го првиот град – Кичево. Од 7 септември до 12 септември, партизаните нападнале италијански карабинерски станици, урнале мостови, исекле ПТТ столбови и разоружале италијанскиот гарнизон во Кичево.

Во октомври и ноември, баталјонот водел борби против германско-балистичките и бугарските сили во различни региони како Извор, Кленоец, планината Баба Сач, Раштани и Буковиќ. На 11 ноември 1943 година, баталјонот бил расформиран во Сливово и влегол во состав на Првата македонска НОУ бригада.

По осамостојувањето на Република Македонија, 18 август е прогласен за Ден на Армијата на Република Македонија (АРМ), во чест на формирањето на првиот партизански баталјон „Мирче Ацев“.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран