Антивладините протести во Србија влегуваат во нова, поостра фаза, откако претседателот Александар Вучиќ најави дека државата ќе преземе „сосема различни мерки“ за воспоставување ред и мир. Тој на конференција во неделата ги нарече демонстрантите „терористи“ и порача: „Ќе направиме сè што е во наша моќ за да го вратиме законот, мирот и редот“.
Според германскиот јавен сервис ЦДФ, Вучиќ рекол дека на владата ѝ се потребни неколку дена за подготовка на „правна и формална рамка“ за акцијата, но додаде дека прогласување вонредна состојба не е разгледувано.
Протестите траат пет последователни ноќи и редовно завршуваат со судири меѓу демонстрантите и полицијата во Белград, Нови Сад и други градови. Весникот „Штерн“ потсетува дека иницијална искра за незадоволството било уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад во ноември минатата година, кога загинаа 16 лица. Првично насочени кон истрагата за несреќата, протестите постепено прераснаа во движење против владата и корупцијата.
„Шпигел“ пренесува дека судири се случиле и во Нов Белград, каде полицијата спречила марш кон седиштето на владејачката Српска напредна странка, како и во Нови Сад. Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјавил дека еден жандарм е повреден, а 18 демонстранти се уапсени.
Независни српски медиуми тврдат дека протестите често биле изложени на напади од организирани групи приврзаници на власта, кои ретко биле санкционирани. Според нив, тоа ја зголемило фрустрацијата на граѓаните и довело до нов бран насилни судири.
Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, изрази загриженост поради „непропорционалната употреба на сила“ од страна на полицијата и ги повика властите во Белград да прекинат со произволни апсења и да ја деескалираат ситуацијата.